По речиси седум месеци поминати во болничка нега, животот го загуби Владимир Блажев – Панчо, член на групата ДНК.
Тој се лекуваше во клиничкиот центар „Систина“, каде лекарите се бореа со последиците од тешките повреди што ги здоби во трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“.
Во несреќата, животот го загубија вкупно 62 лица, меѓу кои и повеќемина членови на музичката група.
Блажев претрпе сериозни изгореници на главата и рацете, а според информации од неговата околина, се соочувал и со сериозен психички товар по настанот.
И покрај сите напори на медицинскиот тим, неговата состојба не се подобрила, а засега нема официјално соопштение за причината за влошувањето.
Со неговата смрт, бројот на жртвите меѓу членовите на ДНК се искачи на девет. Животот во трагедијата го загубија и пејачот на групата Андреј Ѓорѓиески, придружниот вокал и професорка на ФМУ, Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов, тонецот Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо.
Пред неговото заминување, против Блажев беше поведена истрага од Обвинителството, која подоцна беше ставена во мирување поради неговата хоспитализација.
Тој беше осомничен дека во клубот внел пиротехнички средства што можеле да предизвикаат пожар.
Никола Ивановски