Соединетите Американски Држави размислуваат да испратат авиони во Полска доколку Варшава одлучи да испрати борбени авиони во Украина, изјави во неделата американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на посетата на Молдавија, пренесе Хина, цитирана од Ројтерс.
„Сега активно го разгледуваме прашањето за авионите што Полска би можела да и ги испорача на Украина и гледаме како би можеле да ги компензираме доколку Полска одлучи да ги испорача тие авиони“, рече Блинкен.
„Не можам да зборувам за рокови, но можам само да кажам дека тоа го разгледуваме многу активно“, додаде тој.
Американски тенкови пристигнуваат во Полска
Посетата на Молдавија дојде откако Блинкен ја посети Полска, членка на НАТО, во саботата, додека Алијансата го зајакнува своето источно крило како одговор на руската инвазија на Украина.
Пред пристигнувањето на Блинкен во Полска, американскиот Конгрес ја одобри продажбата на американските тенкови М1-Абрамс на Полска.
Потврдено е дека 250 американски тенкови ќе пристигнат во Полска во првата половина на годината, јави Ал Џезира.
За време на посетата на прифатниот центар во Корчова, Полска, Блинкен рече дека безбедноста е апсолутен приоритет.