Најновите податоци од истражувачите покажуваат дека е „практично сигурно“ дека 2023 година, во која имаше смртоносни топлотни бранови, поплави и пожари, ќе биде најжешката досега.
Прогнозата следеше по „исклучително“ високите октомвриски температури, а во текот на овој месец глобалните просечни температури на воздухот беа за 0,4 степени повисоки од претходниот максимум во октомври 2019 година, покажуваат податоците на службата за климатски промени на ЕУ „Коперник“, пренесува Би-Би-Си.
Октомври беше петти последователен месец во кој се забележани рекордни температури.
Јули беше толку топол што можеби беше најтоплиот месец во последните 120.000 години, додека просечната септемвриска температура го собори претходниот рекорд за „неверојатни“ 0,5 степени целзиусови, според Коперник.
Октомври не беше толку невообичаено топол како септември, но сепак го собори рекордот за овој месец со „исклучителна“ разлика, се вели во соопштението на службата за климатски промени на ЕУ.
Оваа година сигурно ќе биде најжешката досега, бидејќи последните два месеци од 2023 година веројатно нема да го сменат трендот бидејќи високите температури ширум светот продолжија и во ноември.
Екстремните глобални температури веројатно ќе продолжат и во 2024 година, велат истражувачите, пренесува Би-би-си.