По нападот на воените цели на Хутите во Јемен, Кина повика на воздржаност

Сподели со своите пријатели

Кина денеска изрази загриженост поради ескалацијата на тензиите во Црвеното Море и повика на воздржаност по заедничките воени напади на САД и Велика Британија врз воени цели на јеменските бунтовници Хути во Јемен.

Loading...

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на редовен брифинг со новинарите изјави дека Пекинг „ги повикува сите релевантни страни да останат смирени и да покажат воздржаност за да се спречи ширењето на конфликтот“.

Мао истакна дека Кина е подготвена да комуницира со сите страни за деескалација на тензиите со цел заеднички да се одржи безбедноста на меѓународниот воден пат во Црвеното Море, објави Си-Ен-Ен.

Заедничките напади на САД и Велика Британија врз цели на Хутите дојдоа откако Советот за безбедност на Обединетите нации во средата усвои резолуција со која бара Хутите да престанат со нападите врз трговските бродови во Црвеното Море.

Кина и Русија беа меѓу четирите воздржани земји за време на тоа гласање, пренесува Танјуг.