Дождот го изгасна огнот кој цела недела голташе мешана и деградирана шума во планините на липковско Никуштак.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, повикувајќи се на вработените во Шумско стопанство Куманово, дождот го изгаснал пожарот вчера.
Не е познато колкава површина шума е опожарена. Огнот изби пред скоро една недела и постојано се ширеше, преминувајќи кон скопската страна од планината.
Неколку дена безуспешно гаснеа два авиони и еден хеликоптер, но непристапноста на теренот го отежнуваше целиот процес.
Според последните информации на РЦУК, вчера на теритријата на Куманово немало ниту еден пожар.
Пожарникарите од Старо Нагоричане имале една интервенција на запален дел од плевна во атарот на селото Челопек. Интервенирале тројца пожарникари со две противпожарни возила во период од 13:20 до 16:00 часот.
Никола Ивановски