Иран објави дека го именувал амбасадорот Реза Амери во Обединетите Арапски Емирати, за прв пат од 2016 година, во време на обновени односи меѓу земјите од Персискиот залив и Иран, пренесува Ројтерс.
Овој потег доаѓа откако ОАЕ почнаа да ги надградуваат дипломатските односи во август и објавија дека го враќаат својот амбасадор во Техеран.
Обединетите Арапски Емирати ги намалија дипломатските односи со Иран откако Саудиска Арабија ги прекина односите со Техеран во јануари 2016 година.
Саудиска Арабија тогаш погуби 47 лица, вклучително и шиитски свештеник, за нивната вмешаност во настаните за време на Арапската пролет.
Иран ја осуди егзекуцијата на шиитскиот свештеник, а саудиската амбасада беше нападната на масовните протести во Техеран.
Минатиот месец, претставници на Ријад во Кина најавија дека ќе ги обноват односите со Техеран, според договорот постигнат со посредство на Пекинг, пренесува Ројтерс.
ОАЕ беа главниот партнер на Иран меѓу арапските земји, а емиратот Дубаи беше една од главните врски на Иран со надворешниот свет, наведува британската агенција.