По четири години интензивна работа, утре, на 2 Август – Илинден, официјално ќе биде пуштена во употреба комплетно реконструираната Спортска сала Куманово.
Со тоа, градот добива модерен објект кој ги исполнува сите меѓународни стандарди, а свеченоста ќе биде одбележана со кошаркарски натпревар од квалификациите за Светскиот куп меѓу Македонија и Романија.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска на прес-конференција истакна дека проектот е реализиран со средства на општината.
– Проект на којшто Општина Куманово и вработени во Општина Куманово работат веќе 4 години и можам да кажам дека сме горди како локална самоуправа што со сопствени средства успеавме овој заборавен објект којшто беше оставен на забот на времето да го адаптираме во една ваква целина и комплетно одвнатре да го реконструираме, рече Димитриевски.
Реконструираната сала доби зелено светло за употреба од техничкиот надзор и, според градоначалникот, ги исполнува условите за организација на натпревари под капата на ФИБА и други светски спортски федерации.
– Истата доби потврда и од техничкиот надзор за понатамошна употреба, а истиот ги исполнува сите меѓународни стандарди и ФИБА и останати светски спортски федерации за одржување на меѓународни натпревари“, нагласи тој.
Настанот ќе биде заокружен со натпревар помеѓу македонската и романската репрезентација, како преткфаливикациски натпревар за Сетското кошаркарско првенство.
„Утре, на Втори Август, националниот ден на сите Македонци, на цела Македонија, го ставаме во употреба и, исто така, во соработка со Кошаркарската федерација на Македонија ќе се организира меч за Светскиот куп или квалификации за Светско првенство помеѓу репрезентацијата на Македонија и репрезентацијата на Романија“, рече Димитриевски.
Според Димитриевски, во реконструкцијата на спортската сала се вложени значителни средства од општинскиот буџет.
– Можам да кажам дека сме горди како локална самоуправа што со сопствени средства успеавме овој заборавен објект да го адаптираме и комплетно одвнатре да го реконструираме“, потенцираше градоначалникот.
Вкупната инвестиција изнесува приближно 1,5 милиони евра, распределена низ неколку буџетски години.
Реконструкцијата вклучуваше целосна внатрешна адаптација, нов паркет, системи за греење и вентилација, нова расвета, трибини, соблекувални и тоалети, како и безбедносна и противпожарна опрема во согласност со меѓународните норми.
– Салата е спремна да биде дом не само на локалните клубови, туку и на големи спортски настани од национално и меѓународно значење, додаде Димитриевски.
На крајот, тој упати јавен повик до граѓаните на Куманово да бидат дел од историскиот момент.
– Во оваа прилика ги повикувам сите Кумановчани, коишто утре, на овој убав ден, имаат можност да дојдат и да го проследат натпреварот“, рече градоначалникот.
Како што посочи градоначалникот дополнително ќе се работи на системот за греење и ладење, како и на партерно уредување.
– Фазата греење, ладење, проветрување и филтрација, дополнителна фаза партерно уредување од надвор на спортската сала и третото новиот момент којшто го вградиме во проектот а тоа е изградба на комплетен фотоволтаичен систем на кровната површина на кровот, рече Димитриевски.
Отворањето на салата и кошаркарскиот натпревар ќе започнат утре од 19:30 часот, а билетите ќе се делат бесплатно додека има слободни места.
Никола Ивановски