Малолетници, од кои дел под дејство на алкохол, биле затекнати во рацијата која ноќва се одвивала низ угостителските објекти во Куманово.
– На 13.12. и 14.12.2025, полициски службеници од СВР Куманово во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд извршија контрола на четири угостителски објекти на подрачјето на Куманово, информираат од Министерството за внатрешни работи.
При контролата, како што додаваат од МВР, извршено е легитимирање на 74 лица, а во два објекта се затекнати малолетници после 24:00 часот.
– Притоа, во еден од нив од слобода е лишена С.В.(45), која го изнајмила простортот , затоа што се затекнати 14 малолетници, од кои еден бил под дејство на алкохол и е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, велат од полицијата.
Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд изрекле глоби на објектите поради сторени прекршоци по Законот за угостителство.
– По целосно документирање на случајот, против одговорните лица ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во соопштението.
Никола Ивановски

