Кошаркарите на Куманово вчера со резултат 72:66 на домашен терен го совладаа составот на ФМП, во рамките на домашното првенство, со што остварија петта победа во низа.
Изедначена беше играта на стартот од средбата, за што говори и резултатот по одиграните десет минути кој велеше дека и двете екипи имаат по 22 поени.
Слично заврши и втората четвртина од средбата, па на полувреме се замина со изедначен резултат 35:35.
Ниту Куманово, ниту ФМП не се откажуваа од желбата за победа и по паузата. И третата четвртина заврши со ист број поени за двата тима кои уфрлија по 19 бода.
Сепак крајот го краси делото. Последните десет минути од средбата беа доволни избраниците на тренерот Игор Ѓорѓиевски да запишат петта победа по ред и покрај густиот распоред со натпреварувањата во домашното првенство и регионалната БИБЛ лига.
Најефикасни во составот на Куманово беа Бранислав Ѓекиќ со 24 поени, додека Дамјан Робев запиша 18, а два поени помалку Отис Ливингстон.
Во балканската лига, кумановци ги очекува вистински „пекол“ кој крајот на месецов, кога ќе му гостуваат на Хапоел Холон од Израел со што ќе ја започнат втората фаза од натпреварувањата во БИБЛ лигата, со конечна цел пласман меѓу најдобрите четири екипи.
Никола Ивановски