Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Кремљ не е добро запознаен со ставовите на независниот романски претседателски кандидат Калин Ѓордеску во однос на Русија, но дека сегашното раководство на таа земја не е пријателски настроено кон Русија.
„Сè уште не би дал никакви прогнози и не може да се каже дека сме добро запознаени со ставовите на овој кандидат во однос на односите со нашата земја, но јасно е дека Романија со сегашното раководство не е пријател на Русија“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали резултатите од изборите во Романија се изненадување за Кремљ, пренесува РИА Новости.
Тој изјави дека Кремљ ќе го следи текот и исходот на изборниот процес во Романија, кој се одржа во неделата, додека вториот круг гласање е закажан за 8 декември.
Според последните податоци на Централната изборна комисија на Романија, а врз основа на 89,64 отсто од преброените гласови, независниот кандидат Калин Џордеску води со 23,14 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори, додека кандидатот на Социјал Демократската партија (ПСД) Марсел Колаку има 19,67 отсто од гласовите.
Песков денеска напомена и дека кругот на поддржувачи на Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во САД, зборува за мир во Украина, додека актуелната администрација на Џозеф Бајден „продолжува да го ескалира конфликтот“, пренесува Танјуг.
Претходно, идниот советник на Трамп за национална безбедност Мајкл Вoлц изјави дека тимот на Трамп планира да соработува со администрацијата на Бајден кога станува збор за можноста за мировен договор меѓу Русија и Украина.
„Од кругот на поддржувачите на Трамп и номинираните за функции во идната администрација се слуша зборот „мир“ или „мировен план“, додека такви зборови не се слушаат од администрацијата на претседателот во заминување и продолжуваат провокативните, ескалирачки акции – рече Песков на новинарите, коментирајќи ги изјавите на Волц.
Трамп, кој победи на претседателските избори на 5 ноември, стана првиот американски политичар од 19 век кој се врати во Белата куќа по четиригодишна пауза.