Од некоја причина, Полска и балтичките земји се плашат од Русија и ја демонизираат, што е голема грешка, изјави денес портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Портпаролот на Кремљ истакна дека постојат земји со кои Русија со векови доживува „дефицит на пријателски чувства“.
„Да ја земеме Полска, на пример. Навистина имаме проблеми со Полска. Навистина имаме проблеми со балтичките земји. Од некоја причина, тие постојано се плашат од нас и нè демонизираат. Секој што ќе дојде на власт таму почнува страсно да ја мрази Русија и Русите“, рече Песков во коментар за новинарот на весникот „Лајф“, Александар Јунашев, пренесува ТАСС.
Песков смета дека таков став кон Русија е голема грешка.
„Бидејќи овие земји би можеле да научат многу од руската култура и интеракцијата со Русија“, рече прес-секретарот на претседателот на Русија, Владимир Путин, според Танјуг.

