Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека НАТО морал да „направи чудовиште од Русија“ за да ги зголеми трошоците за одбрана од два на пет проценти од БДП.
„И од гледна точка на претставниците на НАТО, природно е дека нашата земја е најсоодветна за улогата на чудовиште“, рече Песков на прес-конференција.
Песков оцени дека НАТО е на патот кон неограничена милитаризација, објави РИА Новости.
„Алијансата се движи самоуверено по патот на неограничена милитаризација, Европа се движи по патот на неограничена милитаризација. Тоа е реалноста што нè опкружува, тоа е реалноста што ја имаме на ум“, рече Песков.
Песков рече дека е залудно да се обидува да му се каже на Западот дека нема закана од Русија, одговарајќи на барањето на новинар да коментира за изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Русија наводно би можела да ги нападне земјите од Алијансата, пренесува Танјуг.
Руте во понеделник изјави дека на самитот на Алијансата во Хаг, кој започнува денес, ќе се одлучи да се зголеми распределбата за одбрана на пет проценти од БДП на земјите-членки.