Русија чека Украина да ги прифати барањата за мировни преговори, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи го предлогот на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, Западот да се откаже од обидот да ја порази Русија воено во Украина и ја нагласи потребата да се убеди Киев да се вратат на преговорите.
„Чекаме Киев да ги прифати барањата на Москва и да ја разбере де факто ситуацијата, реалната ситуација што постои“, рече Песков на редовниот брифинг, пренесува „Известија“.
На Светскиот економски форум во Давос во понеделникот, Кисинџер оцени дека постигнувањето на неутрален статус на Украина и нејзиното позиционирање како мост меѓу Русија и Европа може да се замисли како крајна цел во сегашната ситуација.
Кисинџер рече дека преговорите треба да започнат во следните два месеци, пред конфликтот да создаде такви пресврти и тензии кои нема да бидат лесно да се надминат.
Тој изјави дека „идеалната линија на поделба треба да се врати во статус кво пред конфликтот“, сугерирајќи дека Украина треба да се согласи да се откаже од поголемиот дел од Донбас и од целиот Крим.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше предлогот на Кисинџер, споредувајќи ги неговите ставови со оние на нацистичка Германија во 1938 година.

