Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека збирот на меѓусебни договори меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, постигнати во Алјаска минатата година, го претставува „духот на Анкориџ“ и дека овие договори би можеле да доведат и до пробив во прашањата за решавање на украинскиот конфликт.
„Постои цела низа договори што беа постигнати во Анкориџ, кои веќе беа објавени уште пред самиот состанок, за време на пристигнувањето на специјалниот претставник на американскиот претседател Стивен Виткоф. Токму овој збир на договори што беа постигнати го претставува „духот на Анкориџ“, прецизираше Песков на прес-конференцијата, објави Спутник.
Според портпаролот на Кремљ, токму по тоа се појави потребата да се одржи состанок на највисоко ниво.
Песков додаде дека Русија и САД работат на спроведување на договорот што претседателите на двете земји, Владимир Путин и Доналд Трамп, го постигнаа во Алјаска и рече дека работата за решавање на украинското прашање продолжува.
Како што изјави портпаролот за печат на рускиот претседател, договорите постигнати на самитот во Анкориџ се фундаментални и имаат потенцијал да го подобрат процесот на решавање на украинскиот конфликт, пренесува Танјуг.
Песков заклучи дека Кремљ не сака јавно да навлегува во деталите за договорите постигнати во Анкориџ и дека дискусиите треба да се водат зад затворени врати.
Преговорите меѓу претседателите на Русија и САД во Алјаска се одржаа на 15 август во воената база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ.
Претходно, претседателот Путин рече дека Москва се залага исклучиво за долгорочно решение на украинскиот конфликт, но дека тоа може да се постигне само откако ќе се отстранат оригиналните причини за конфликтот, имено заканите за националната безбедност што произлегуваат од проширувањето на НАТО, како и угнетувањето на рускојазичното население во Украина, потсети Спутник.
Според извештаите, Москва постојано нагласувала отвореност за дијалог, останувајќи на платформата договорена во Анкориџ.

