Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, денеска изјави дека прашањето за безбедноста на руските граѓани и објекти во Сирија е од најголема важност за Кремљ.
„Таму се наоѓа нашата база, таму е нашето дипломатско претставништво и, се разбира, прашањето за обезбедување на безбедноста на овие наши објекти е исклучително важно, тоа има првокласно значење“, рече Песков, пренесе РИА Новости.
Песков посочи дека Русија сака ситуацијата во Сирија да се стабилизира што е можно поскоро, за да се отвори можноста дискусиите за подобрување на ситуацијата да се префрлат во правни рамки.
Песков не одговори директно на прашањето дали Кремљ смета дека специјалната операција во Украина придонела за слабеење на позициите на Русија на Блискиот исток, но укажа на потребата да се тргне од реалноста што се развива „на теренот“.
Од крајот на ноември, вооружените бунтовници предводени од групата Хајат Тахрир ал-Шам зазедоа неколку големи градови во Сирија, вклучувајќи го и главниот град Дамаск, а претставниците на опозицијата на 8 декември на сириската државна телевизија објавија дека воспоставиле контрола над земјата.
Според руското Министерство за надворешни работи, сирискиот претседател Башар ал Асад одржал преговори со дел од учесниците во сирискиот конфликт, при што одлучил да поднесе оставка и да ја напушти земјата, додека Русија не учествувала во овие преговори.
Подоцна, извор од Кремљ за РИА Новости изјави дека Асад и членовите на неговото семејство отпатувале во Москва, која им дала азил од хуманитарни причини.
Соговорникот на руската агенција изјавил дека руските власти се во контакт со претставници на вооружената сириска опозиција, чии лидери ја гарантирале безбедноста на руските воени бази и дипломатски институции.