Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес оцени дека барањето на Украина Русија веднаш да го достави својот нацрт-меморандум за решавање на конфликтот е „неконструктивно“.
– Русија всушност предложи да се сретнеме во Истанбул во понеделник и да почнеме да разговараме за овие проекти. Затоа, барањето итна акција не е конструктивно – рече портпаролот на Кремљ.
Според неговите зборови, Москва сè уште не добила одговор од Киев на предлогот за одржување на состанокот во Истанбул на 2 јуни, пренесува РИА Новости.
Песков истакна дека разговорот меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, ќе се одржи „по потреба“ и дека тоа може да се случи брзо.
– Комуникациските канали се воспоставени и, доколку е потребно, таков телефонски разговор може да се договори многу брзо – рече Песков.
Во среда вечерта, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров објави дека е предложена нова рунда разговори меѓу Русија и Украина да се одржи на 2 јуни во Истанбул.
Тој рече дека потоа Москва ќе презентира меморандум за идниот мировен договор, кој ги содржи сите аспекти за надминување на основните причини за конфликтот.