Пензионерите во Куманово со примања до 11.000 денари ќе имаат субвенциониран јавен градски превоз.
Примената ќе започне на 15ти јули и ќе трае три месеци, откако денеска Советот на Општина Куманово изгласа измена на претходната одлука која предвидуваше шестмесечен период.
Како што појаснија надлежните, периодот е скратен со цел да се обезбедат повеќе средства за помалку период. Освен за градскиот превоз, пензионерите ќе можат да добијат субвенциониран превоз и за одење во Скопје од здравствени причини, доколку притоа приложат упат од лекар.
– Многу е подобро за нив да се намали рокот, а со тоа да се зголеми можноста поголем број пензионери да ја искористат таа можност па ја упростивме да биде поедноставно. Ако 500.000 денари од 1,5 милиони би се трошеле за еден месец, 2 и пол илјади пензионери би можеле да одат во Скопје по еднаш тој месец, можеби некој ќе има потреба на контроли и слично, но од тие неколку илјади пензионери сигурно некој ќе има потреба за субвенциониран градски превоз и тука ќе се трошат тие средства, рече Миле Андоновски, советник од Партијата на пензионери во Советот на Општина Куманово.
Како што појасни раководителката на Секторот за финансии Ирена Илиевска, износот не се намалува, туку ќе се зголеми, бидејќи со ребаланс на Буџетот во ноември ќе се обезбедат дополнителни средства за уште три месеци.
– Износот не се намалува ќе се зголеми од 1,5 до 3 милиони денари да покрие шест месеци од 15 јули до 31.12. од тие причини се прави оваа одлука и се скратува периодот од шест на три месеци за да може сите поволности да ги искористат пензионерите. Се направи точна пресметка на вредност на кратата определена во осум зони и во превоз од прва до осма зона и плус превоз од Куманово до Скопје, рече Илиевска.
Мерката ќе се спроведува преку Здружението на пензиоенри на град Куманово, а предвидени се 1,5 милиони денари буџетски средства.
Никола Ивановски