Корупцијата во редовите на кинеската војска би можела да го попречи нејзиниот напредок кон постигнување амбициозни цели за модернизација до 2027 година, објави Пентагон во својот годишен извештај за воените способности на Кина објавен во средата.
Од минатата година, кинеската војска спроведува сеопфатна антикорупциска кампања, а минатиот месец кинеското Министерство за одбрана потврди дека висок воен функционер е суспендиран и е под истрага за „сериозно кршење на дисциплината“.
Извештајот на Пентагон открива дека меѓу јули и декември 2023 година, најмалку 15 високи кинески воени функционери и директори на одбранбената индустрија биле сменети од нивните позиции.
„Во 2023 година, Кинеската Народноослободителна армија (ПЛА) се соочи со нов бран истраги поврзани со корупција, што доведе до смена на високи лидери и потенцијално го попречи напредокот кон целите за модернизација поставени за 2027 година“, се вели во извештајот.
Американските власти, вклучително и директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), велат дека кинескиот претседател Си Џинпинг и наредил на војската да биде подготвена за потенцијална инвазија на Тајван до 2027 година.
Целите на Кина за 2027 година вклучуваат забрзување на интеграцијата на разузнавачките системи, механизација и други алатки, како и унапредување на теориите за војување, обука на персоналот и развој на оружје, посочува Пентагон.
Кинеското Министерство за надворешни работи го осуди извештајот, нарекувајќи го „неодговорен“ и ги обвини САД дека го користат како изговор за одржување на воената хегемонија.
„Овогодинешниот американски извештај, како и претходниот, ги игнорира фактите и е полн со предрасуди“, рече портпаролот на министерството Лин Џијан на прес-конференција, повикувајќи ги САД да престанат да објавуваат слични извештаи и да преземат практични чекори за стабилизирање на воените односи меѓу две земји.
Американскиот помошник секретар за одбрана за индо-пацифички безбедносни прашања, Ели Ратнер, рече дека смената на 15 високи функционери веројатно е само „врвот на ледениот брег“.
Ратнер нагласи дека кинеското раководство немало да преземе такви драстични мерки доколку корупцијата сериозно не ја нарушила оперативната способност на PLA.
„Истрагите за корупција предизвикуваат домино ефект, повлекувајќи дополнителни службеници, што ги забавува клучните воени проекти, вклучително и оние во одбранбената индустрија“, изјави анонимен американски воен претставник.
Извештајот конкретно ги истакнува промените во ракетните сили на кинеската армија (PLARF), елитната единица која управува со најнапредните конвенционални и нуклеарни ракети.
„Откривањето на корупцијата на ова ниво веројатно дополнително ја разниша довербата на кинеското раководство во војската, особено поради исклучително важната нуклеарна мисија на ПЛАРФ“, се вели во извештајот.
Во ноември, кинескиот адмирал Миао Хуа, член на Централната воена комисија, исто така беше под истрага за „сериозни прекршувања на дисциплината“.
Сепак, кинеската влада ги отфрли медиумските извештаи дека министерот за одбрана Донг Јун е под истрага, нарекувајќи ги „целосни измислици“.
Пентагон предупредува дека корупцијата го попречува напредокот на PLA кон целите за модернизација, што може да ги попречи плановите на кинеската влада за евентуално обединување со Тајван.
Од друга страна, министерот за одбрана на Тајван, Велингтон Ку, рече дека Тајван ќе продолжи да ги прилагодува своите одбранбени планови за да спречи потенцијални кинески агресивни потези.
„Ќе ја искористиме нашата сила за да ги одвратиме можните непромислени дејствија во Тајванскиот теснец“, им рече Ку на новинарите во Тајпеј, пренесе Ројтерс.