„Од воените команданти ќе се бара да ги идентификуваат членовите на службата во своите единици кои се трансродови или кај кои е дијагностицирана родова дисфорија и да ги упатат на медицински проценки што би можеле да резултираат со нивно отстранување од војската“, изјавија вчера неколку одбранбени претставници за Асошиејтед Прес, пишува Њузвик.
Одлуката, дел од обновената забрана на претседателот Доналд Трамп за трансродови припадници на војската, означува значителна промена во спроведувањето и би можела да доведе до присилно одвојување на војниците кои не се пријавуваат како волонтери.
Процесот потсетува на раните денови на политиката „Не прашувај, не кажувај“, кога командантите или другите припадници на вооружените сили понекогаш ги откриваа идентитетите на геј војниците, на кои потоа им беше забрането отворено да служат во војската.
Воведувањето следи по неодамнешната одлука на Врховниот суд со која ѝ се дозволува на администрацијата да ја спроведе забраната, а правните предизвици продолжуваат.
Тројца либерални судии на Врховниот суд се спротивставија, тврдејќи дека одлуката треба да остане на чекање.
Исто така, не ги ослободува трансродовите членови кои веќе служат во војската и нуди само ограничени исклучоци.
Командантите можат да испраќаат војници на проценки
Висок функционер од одбраната, кој разговараше со Асошиејтед Прес под услов да остане анонимен, го опиша воведувањето на новата политика како комплициран и долг процес наменет за спроведување на директивата на Трамп.
Наместо пребарување на медицински картони, пристап што Пентагон сега го напушти, новиот метод ќе се потпира на рутински годишни здравствени прегледи што мора да ги пополнат сите припадници на војската.
Во тие медицински прегледи се воведува ново прашање за родовата дисфорија. Војниците кои не се самоидентификуваат, но се познати на командантите или другите во нивната единица, може да бидат означени за евалуација.
Командантите кои се свесни за припадници на службата во нивните единици со родова дисфорија, историја на родова дисфорија или симптоми конзистентни со родова дисфорија, ќе ги упатат таквите припадници на службата на индивидуализиран преглед на медицинските картони за да се потврди усогласеноста со медицинските стандарди, се наведува во упатството.
Официјалните лица нагласија дека командантите можат да ги забрзаат проценките доколку е потребно.
Во армијата беа потврдени 4.240 војници со родова дисфорија
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, претходно овој месец изјави дека приближно 1.000 припадници на војската ќе започнат доброволен процес што би можел да потрае неколку недели.
Според извештаите од 9 декември 2024 година, официјалните лица објавија дека кај 4.240 војници на активна должност, Националната гарда и резерва е дијагностицирана родова дисфорија, иако вистинскиот број може да биде поголем.
Во моментов, армијата брои околу 2,1 милиони припадници на службата.
Трамп прво се обиде да им забрани на трансродовите лица да служат во војска за време на неговиот прв мандат, иако на оние кои веќе служеле им беше дозволено да останат.
Претседателот Џо Бајден ја укина таа забрана, но Трамп повторно воведе уште построга верзија откако се врати на власт.
Хесгет: Крај на мажите во фустани
Министерот за одбрана Пит Хегсет, гласен критичар на инклузивноста во минатото, ја поврза новата директива со пошироки културни цели.
„Нема веќе трансродови лица во Министерството за одбрана“, објави Хегсет на платформата X.
„Нема веќе мажи во фустани. Завршивме со тоа срање“, рече тој во неодамнешното обраќање на конференцијата за специјални операции.
Висок функционер за АП изјави дека должност на припадниците на вооружените сили и командантите е да се придржуваат до новата постапка.
Министерството за одбрана, додаде функционерот, има доверба во командантите кои ја спроведуваат имплементацијата и не верува дека тие би ја користеле оваа постапка за одмазда против припадниците на војската.
Друг функционер изјави за АП дека иако министерството верува дека има овластување да ги прегледува медицинските картони, би претпочитало да помине низ повообичаениот процес на проценка на здравјето.
Новата одлука бара од активните членови доброволно да го откријат својот статус до 6 јуни, додека оние во Националната гарда и резерва имаат рок до 7 јули.
На оние кои ќе се пријават доброволно ќе им биде понудена зголемена отпремнина, приближно двојно поголема од вообичаениот износ на таа отпремнина.