За ситуацијата во Куманово ќе треба посебен фокус и внимание, вели претседателот Стево Пендаровски на денешната прес конференција на која информираше дека во следните 30 дена ја продолжува вонредната состојба во државата.
– За ситуацијата во Куманово ќе треба посебен фокус и внимание и можеби многу брзо ќе треба да го примениме моделот од Дебар затоа што станува збор за голема општина со потенцијал за ширење на вирусот, рече претседателот.
Како што појасни Пендаровски, ситуацијата во Куманово е лоша, сосема независно од најновите вести со заболувањето на градоначалникот.
– Тоа е работа на Владата, држејќи се до препораките на епидемиолозите, ќе мора многу брзо да размисли дали комплет или делови од елементот при затворање на Центар Жупа и Дебар можеби да се применат во Куманово за да се спречи ширењето, таму има околу 110.000 луѓе и град кој е одлично поврзан со главниот град и граница кон северот, рече претседателот.
Тој утринава се слушнал со владините претставници кои вчера беа во Куманово и на средба со градоначалникот Димитриевски, при што тие го информирале дека надлежните комисии и власти треба да утврдат со кого тие имале контакти по средбата во Куманово.
Никола Ивановски