Кина смета дека американското вето на предлогот на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за војната меѓу Израел и Хамас, со која се бара итен прекин на огнот, е „зелено светло за продолжување на убиствата“, изјави кинескиот претставник Џанг Џун.
„Кина изразува незадоволство и разочарување поради одлуката на САД. Американското вето испраќа погрешна порака и ја прави ситуацијата во Газа поопасна“, рече Џанг, додавајќи дека приговорот за прекинот на огнот во Газа не е „ништо друго освен зелено светло за продолжување на убиствата“, пренесува Ксинхуа.
САД во вторникот повторно ставија вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации за итен прекин на огнот во Појасот Газа, трет пат откако избија борби околу палестинската енклава на 7 октомври.
Од 15 членки на Советот за безбедност на ОН, 13 гласаа за предложената резолуција поднесена од Алжир, додека Велика Британија беше воздржана.