Кинеската војска денеска објави дека „избркала“ американски воен брод што „нелегално впловил“ во архипелаг во Јужното Кинеско Море, а портпаролот на Индо-пацифичката команда на Армијата на САД одговори дека тоа е лага.
Разурнувачот УСС Милиус „влегол илегално, без одобрение на кинеските власти“ во водите на островите Парасел, изјави портпаролот на кинеската војска.
„Поморските и воздушните сили се мобилизирани да го следат и надгледуваат овој брод и да издадат предупредување и да го спроведат надвор од областа“, рече портпаролот.
Тој го осуди американскиот маневар кој „го поткопува мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море“.
Портпаролот на американската воена индо-пацифичка команда рече дека тврдењето на кинеската војска е „лажно“.
„УСС Милиус спроведува рутински операции во Јужното Кинеско Море и не е избркан“, рече портпаролот, додавајќи дека американските сили „ќе продолжат да летаат, пловат и да оперираат онаму каде што дозволува меѓународното право“.
На Параселските острови претендираат Кина, Виетнам и Тајван. Тие три земји, како и Филипините, Малезија и Брунеи, претендираат на делови или на целиот архипелаг на островите Спартли, кои се богати со природни ресурси и лежат на една од најпрометните поморски трговски патишта.