Пекинг: Стабилизација на кинеско-американските односи императив по „тешките зборови“

Сподели со своите пријатели

Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг за време на денешната средба со американскиот амбасадор во Кина Николас Барнс изјави дека стабилизацијата на кинеско-американските односи е императив по серијата „тешки зборови и потези“ меѓу Пекинг и Вашингтон, што доведоа до ново заладување меѓу двете земји.

Loading...

Чин особено нагласи дека САД мора да ја корегираат својата позиција во однос на Тајван и да го прифатат принципот „една Кина“, пренесува Ројтерс.

Односот меѓу двете најголеми економски сили во светот падна на ниско ниво по минатогодишната официјална посета на Тајван на Ненси Пелоси, тогашна претседателка на Претставничкиот дом на САД.

Нејзината посета на Тајван го налути официјален Пекинг, кој го смета Тајван за дел од Кина, а кинеските власти ги прекинаа формалните канали за комуникација со Вашингтон, вклучително и меѓу воените сили на двете земји, поради посетата на Пелоси.

Сепак, тензиите меѓу двете суперсили се намалија во ноември 2022 година кога американските и кинеските лидери Џо Бајден и Си Џинпинг се сретнаа за време на самитот на Г-20 во Индонезија, ветувајќи почест дијалог.