Печалбарите повторно ќе излезат на протест пред УЈП Куманово

Сподели со своите пријатели

Граѓаните на Куманово кои изминатите години беа на работа во Авганистан и Ирак, во понеделник повторно ќе излезат на протест пред Управата за јавни приходи во Куманово.

Причините се исти, незадоволство од обидот да бидат ретроактивно оданочени нивните плати заработени низ американските воени бази на Блискиот исток.

Како што информираат, протестот ќе трае од 12 до 15 часот, овој пат со блокирање на крстосницата меѓу улиците „Моша Пијаде“, „Иво Лола Рибар“ и „Маршал Тито“.

– Ги повикуваме сите граѓани кои се засегнати од неправдата, како и сите што сакаат да нè поддржат. Нè има многу – од сите градови, од сите националности, луѓе кои со години придонесувале за ова општество, а денес истото тоа општество им врти грб. Ова не е борба на поединци. Ова е борба за правда, еднаквост и достоинство. Ова не е политички протест. Ова е борба против неправдата, стои во повикот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец со сила украл чанта на 20-годишна девојка во центарот на градот

Како што рекоа на првиот протест, пет години откако се вратиле од печалба, институциите започнале да им доставуваат решенија за наплата на данок на нивните плати.

Тврдат дека компаниите за кои работеле, веќе платиле данок како во матичната земја, така и во земјата каде што тие биле ангажирани, а дека тоа тешко можат да го докажат во краткиот рок кој УЈП им го дава, со оглед на празниците.

Според изјавите, станува збор за суми кои се движат и до 4.000 евра данок за само една година работа, пари кои велат тие, по пет години ги потршиле за решавање на своите станбени прашања, за образование на своите деца, а дел и за отпочнување бизниси во градот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен кумановец кој се заканувал на својата сопруга

Никола Ивановски