Група граѓани кои во изминатите години работеле низ американските бази во Ирак и Авганистан утре во 12 часот ќе излезат на протест пред зградата на Управата за јавни приходи во Куманово.
Како што информираат преку мејл испратен до нашата редакција, протестот е поради ретроактивно оданочување на граѓаните со приходи од странство.
– Јас сум еден од тие луѓе кои 10 месеци не сум бил воопшто во државата, бев „заробен“ во Авганистан поради коронавирусот. Сега УЈП ми бара 10 проценти од платите да им ги дадам по пет години. Лично во 2020 година сум бил да прашам за данок и ми беше кажано дека не треба да платам. Сега ми се закануваат со извршители, јас веќе четири години сум невработен и немам од каде да им платам, вели еден од засегнатите во изјава за Кумановски Муабети.
Инаку, УЈП започна да ги чешла приходите на граѓаните кои дошле од странство, за период од пет години наназад, по што започна да испраќа писма до засегнатите.
Анализите на податоците на УЈП откриле дека околу 9.000 физички лица во 2020 година имале остварено доход од странство што подлежи на оданочување, но не бил пријавен.
Македонија има потпишано договори со 49 други држави за избенување на двојно даночење, но граѓаните кои сега ги таргетира УЈП мора да докажат дека данокот им бил платен во странство.
Никола Ивановски

