По неколкудневен раст, капитализацијата на пазарот на криптовалути денеска падна за 0,7 отсто и моментално изнесува 2,85 трилиони долари.
Истата судбина утрово ја има и Биткоинот. Во изминатите 24 часа тој падна за 1,1 отсто, иако порасна за 6,3 отсто на неделно ниво, објави веб-страницата Коингеко.
Најпознатата криптовалута во светот моментално се тргува по цена од 62.100 долари.
Итриумот, втората најпозната криптовалута во светот, поскапе за 15,7 отсто во последната недела, пред утрово да се појави во црвено за 0,5 отсто. Оваа криптовалута моментално е по цена од 4.548 долари.
Цената на биткоинот за 5 години ќе биде половина милион?
Кети Вуд, основач и директор на американската инвестициска компанија Арк Инвест со портфолио на инвестиции од 50 милијарди долари, претстави нова проценка за CNBC.
Имено, Вуд проценува дека цената на биткоинот во следните пет години би можела да достигне сума од половина милион долари.
– Доколку компаниите продолжат да ги диверзифицираат своите пари во нешто како биткоин, а институционалните инвеститори почнат да издвојуваат пет отсто од своите средства за биткоин, веруваме дека цената ќе биде десет пати повисока од денешната, односно наместо 45.000 долари, над 500.000 долари, рече Вуд, на чии проценки им се придава значење во американските медиуми, меѓу другото, и поради анализата на движењето на цената на акциите на Тесла.