Евтините летови во Европа и скапите билети за воз промовираат повалкани форми на транспорт, велат активистите на Гринпис, посочувајќи на, како што велат, „безобразните“ даночни олеснувања кои ги поттикнуваат луѓето да ја загреат планетата додека се на одмор.
Билетите за воз се во просек двојно поскапи од авионските билети за истите линии, покажува анализата на Гринпис објавена денеска, објави британскиот весник „Гардијан“.
Активистите ги споредија билетите на 112 линии во девет различни денови.
За да се стигне од Лондон до Барселона, откриле тие, трошоците за патување со воз се до 30 пати повисоки од трошоците за патување со авион.
„Авионски билети од 10 евра се можни само затоа што другите, како работниците и даночните обврзници, ја плаќаат вистинската цена“, рече Лорелеи Лимузен, активист за климатски промени во Гринпис.
За доброто на планетата и луѓето, политичарите мора да дејствуваат за да ја сменат оваа ситуација и да го направат патувањето со воз поприфатлива опција, рече таа.
Активистите на Гринпис открија дека патувањето со воз е поскапо од авионското патување на 79 од 121 маршрута што ги проучувале.
На некои линии, имаше денови кога возот беше поевтин од авионот, дури и ако просечната цена беше повисока.
Возот беше во водство поради редовните и сигурни врски, добрата брзина и билетите под 150 евра.
Најдобри линии се Лисабон-Порто и Мадрид-Барселона за домашни патувања и Берлин-Прага, Цирих-Виена и Прага-Будимпешта за меѓународни патувања, пренесува Танјуг.
Ниту една од најдобрите меѓународни железнички линии не ги вклучуваше Велика Британија, Франција, Шпанија или Италија.