Патот кон кумановското село Клечовце е целосно уништен поради изградба на трасата Куманово – Бељаковце на пругата кон Бугарија, вели градоначалникот Максим Димитриевски.
Причина за уништување на тој пат се тешките камиони кои секојдневно таму минуваат.
Кумановскиот градоначалник ќе бара „Македонски железници“ како инвеститор на проектот, да го реконструра откако изградбата на пругата ќе заврши.
– Нашата патна инфраструктура која многу тешко ја направивме кон село Клечовце во моментот во целост е уништена поради движење на несоодветни тешки возила над 20 и повеќе тони. Општина куманово мора да изнајде начин да дојде до одредени субвенции од страна на „Железници“ и тие патни траси да ги реконструира на нивна сметка, рече Димитриевски.
Според Димитриевски, тоа е сериозен проект од национален интерес, но откако автопатот Е-75 го подели Куманово на два дела, сега со железницата ќе биде поделен на две четвртини.
– Општина Куманово сега со овој коридор дополнително е подолена на две четвртинки. Со првиот коридор автопатот е-75 е поделена на две половини, а сега во овој случај е поделена на дополнително со уште една траса, вели тој.
Смета дека идејното решение на проектот требало да го одмине централниот дел од градот, но со оглед дека тој проект е стар над 30 години, тогаш тоа била периферија на Куманово, а денес густо населено подрчаје.
Општина Куманово побарала тој дел од трасата кој минува низ населено подрачје да биде поставен со бариери заради безбедност на жителите.
– Побаравме од нив да се заштити самата траса, првенствено заради безбедност на самите жители кои живеат тука, со изградба на бетонски бариери. По првичниот проект беше предвидено да се реализираат челични бариери со алуминиумски прегради кои сметам дека би биле во иднина предмет на оштетување, железница ја прифати таа сугесија и сега ќе видиме како ќе напредува изведувачот, вели Димитриевски.
Градоначалникот вели дека разговарал со раководството на „Македонски Железници“ и побарал поитно да се заврши надвозникот кај локацијата „Туш“ за да не се прави застој во сообраќајот, но и да не се повтори ситуацијата кога претходниот изведувач пред неколку години си замина преку ноќ и остави отворено градилиште и раскопана улица.
Општината тогаш со свои средства го санираше патот и го врати во функција, но и ги тужеше Железници да ја надомести таа сума, а спорто го доби на суд.
– Должни се да ни ги обештетат тие средства. Дали тоа ќе го направат, до денеска го немаат направено, но факт е и дека тоа јавно прептријатие стопанисува во многу сериозна финансиска состојба, имаме разбирање за тоа, максимално сме кооперативни, додава тој.
Првиот човек на Куманово вели дека во разговор со поранешниот директор добил ветување дека парите ќе бидат исплатени, но тоа сѐ уште не е сторено.
Реконструкцијата започна во 2014 година
Камен темелникот за реконструкција на пругата Куманово – Бељаковце беше удрен во 2014 година, треба да биде долга 30,8 километри.
Во 2020 година компанијата „Вибе“ го раскина договорот и ја остави пругата недовршена. Сега изведувач на работите е компанија STRABAG Sp.zo.o-Branch office Skopje“, а надзорот на работите го врши „IRD Engineering“.
Пругата Куманово – Бељаковце ќе има осум подвозници и шест надвозници.
Дивата депонија која постојано никнува кај „Туш“ е проблем за Јавно претпријатие за железничка инфраструктура, Железници на Република Македонија.
Оттаму велат дека во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“ истата ќе биде исчистена и на тој дел ќе се постави ограда.
Градежни активности се планирани и во село Лопате каде, како што посочуваат од претпријатието, железничките пруги од коридор 8 и коридор 10 се вкрстуваат со регионалниот пат кој води кон селата Липково и Опае.
Покрај изградбата на трите станици Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце во кумановско, предвидена е и изградба на шест стојалишта: Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клечовце и Довезенце.
Никола Ивановски