Париз го истражува случајот Епстин, обвинителите ги охрабруваат жртвите да пријават злосторства

Сподели со своите пријатели

Француското јавно обвинителство во Париз денес започна две истраги во рамките на аферата поврзана со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

Едната е поврзана со злосторства од сексуална природа и можна трговија со луѓе, а другата со потенцијални економски и финансиски врски.

Обвинителот Лор Бекио ги повика сите потенцијални жртви да се пријават кај надлежните органи.

„Сакаме да бидеме со жртвите. Ќе ги добиеме сите изјави што сакаат да ги дадат“, рече Бекио, пренесува Фигаро.

Според парискиот обвинител, истрагата ќе овозможи анализа на сите елементи содржани во објавените документи, од кои има речиси три милиони.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Како Епстин, од наставник по математика, се збогатил толку многу?

Француската канцеларија за борба против киберкриминалот ќе учествува во работата, со примена на алатки базирани на вештачка интелигенција.

Обвинителот додаде дека истражителите ќе користат и отворени извори, вклучувајќи медиумски текстови, како и можни извештаи од здруженија за заштита на малолетници.

Одлуката за покренување на истрагата дојде откако американските судски власти на 30 јануари објавија милиони документи од случајот Епстин, во кој често се споменува Париз.

Според извештаите, Епстин поминувал неколку недели секоја година во луксузен стан од 800 квадратни метри во Париз, недалеку од Триумфалната капија.

На 30 јануари, Министерството за правда на САД објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видеа и 180.000 фотографии како дел од најновата и најобемна серија материјали поврзани со случајот Епстин.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ОН: Случајот Епстин - можни злосторства против човештвото

Во 2019 година, Џефри Епстин беше обвинет во федералниот суд во Менхетен за трговија со малолетници заради сексуална експлоатација.

Епстин беше пронајден обесен во својата ќелија додека чекаше судење, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.