На европските берзи цените на акциите остро паднаа во средата наутро, по загубите на Волстрит претходниот ден, бидејќи загриженоста за приближувањето на рецесијата во САД расте на пазарите и покрај добрите деловни резултати на технолошките компании.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 околу 10 часот беше во минус за 0,93 отсто, а меѓу најголемите губитници беше технолошкиот сектор, со просечен пад на цената од 2,1 отсто.
Цените на акциите во индустрискиот сектор значително паднаа за 2 отсто, а во банкарскиот сектор за 1,5 отсто.
Инвеститорите се загрижени за здравјето на малите американски банки
Истовремено, франкфуртски DAX падна за 0,77 отсто, на 15.749 поени, лондонски Ftse за 0,4 отсто, на 7.859 поени, а париски CAC за 0,89 отсто, на 7.464 поени.
Иако претходно објавените резултати на Мајкрософт и Алфабет ги надминаа очекувањата на аналитичарите, сепак инвеститорите се загрижени за можноста од рецесија во најголемата светска економија и не се склони кон ризични инвестиции.
Тие се особено загрижени за здравјето на малите американски банки, откако First Republic Bank извести дека во првиот квартал од оваа година забележала пад на депозитите за 40 отсто, на приближно 100 милијарди долари.
Најголем губитник беше ASM International, кој падна за 10 отсто откако холандскиот производител на полупроводници објави пад на нарачките во првиот квартал поради послабата побарувачка. На токиската берза индексот Никеи потона за 0,71 отсто, на 28.416 поени.