Фунтата денеска падна во однос на доларот и еврото, откако британската влада објави нови ограничувања за спречување на брзото ширење на новата варијанта на коронавирус, додека Франција, Германија и некои други земји дури и ги прекинаа транспортните врски со Велика Британија.
Фунтата падна за скоро 2,0 проценти во однос на доларот на под 1,33 долари и 1,0 процент во однос на еврото, продлабочувајќи ги загубите забележани во текот на ноќта на азиското тргување.
Италија, Холандија, Белгија, Израел и Канада исто така ги прекинаа сообраќајните врски со Велика Британија, вклучително и авиокомпаниите, откако премиерот Борис Џонсон во саботата изјави дека новата варијанта на вирусот доведе до скок на бројот на заразени.
Владата ги заостри ограничувањата во Лондон и околните области, а исто така ги отфрли плановите за ублажување на рестриктивните мерки за време на Божикните празници.
Новите мерки за ставање под контрола на инфекцијата доаѓаат пред денешното очекувано продолжување на преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ за договор за слободна трговија по Брегзит, бидејќи остануваат само уште неколку дена до крајот на британскиот преоден рок на 31 декември.
Сања Костовска