Копенхаген е најдобриот град во светот според квалитетот на животот, покажува истражувањето на британското списание „Монокл“.
Ова е четврти пат главниот град на Данска да го добие тоа признание од почетокот на истражувањето во 2007 година, пренесува Ројтерс.
Цирих, Хелсинки, Стокхолм и Токио се меѓу петте водечки градови според квалитетот на животот, бидејќи „Монокл“ го обнови рангирањето по едногодишна пауза за време на пандемијата од „ковид-19“.
„Копенхаген е еден од оние градови каде што постои вистинска амбиција да се обезбеди подобар квалитет на живот за сите“, рече главниот уредник на „Монокл“, Ендру Так.
„Амбициите за создавање почиста околина се најдобри и градот ги користи придобивките од повеќегодишните урбани инвестиции“, додава Так.
Годинашниот извештај анализира кои градови ги користеле изминатите месеци „за да градат подобро; да ги бранат своите економии и културни сцени; и да продолжат со проекти за да се осигураат дека се негуваат транспортни дела и паркови, но исто така и да се промовира граѓанска гордост“, се наведува во истражувањето.
Поголем акцент е ставен и на граѓанското лидерство, политиките за домување и програмите за поддршка на претприемништво.