Виена повторно се најде на врвот на листата на најдобри градови за живеење, според извештајот на Economist Intelligence Unit (EIU).
Ова истражување го припишува успехот на Виена на нејзината „победничка комбинација“ на стабилност, добра култура и забава, сигурна инфраструктура, примерно образование и здравствени услуги.
– Оваа позиција беше редовно окупирана од Виена во изминатите неколку години, а само пандемијата предизвика градот да го отстапи своето прво место на некој друг – се додава во извештајот.
Копенхаген, исто така, ја задржа својата позиција како втор најпогоден град за живеење во светот, додека австралиските градови Сиднеј и Мелбурн влегоа во првите пет.
– Нивните резултати во категоријата здравствена заштита се подобрени од минатата година – објавија од истражувачката компанија.
Годишниот извештај рангираше 172 града во категории кои ги дефинираат условите за живеење: стабилност, здравствена заштита, култура и животна средина, образование и инфраструктура.
Во првите десет градови се вклучени Виена, Копенхаген, Мелбурн, Сиднеј, Ванкувер, Цирих, Калгари, Женева, Торонто, Осака, Окленд.
Според извештајот, азиско-пацифичките градови оствариле некои од најголемите придобивки на овогодинешното рангирање.
Имено, Новозеландскиот Велингтон се искачи за 35 места на 23-тото место, додека Окленд се искачи за 25 места на 10-тото место на индексот.
Хонг Конг, исто така, се искачи за 13 места во рангирањето и е 61-виот град за живеење.
Градовите во Западна Европа, особено, паднаа во рангирањето поради честите случаи на штрајкови на работниците – неуспехот да се „совпаднат со придобивките“ на градовите во Азија и Блискиот Исток, додаде EIU.
На пример, германскиот Франкфурт и холандскиот Амстердам испаднаа од топ 10.