Италија би можела да ослободи околу 10 илјади затвореници, или 15 проценти од вкупниот број, со цел да се реши проблемот со пренатрупаноста на затворите, објави Министерството за правда.
Министерството доцна во вторникот објави дека 10.105 затвореници „потенцијално се квалификуваат“ за алтернативни мерки, како што се домашен притвор или условна казна.
Одлуката би се однесувала на оние чии казни се конечни и повеќе не можат да се обжалат, оние кои имаат помалку од две години да отслужат и не ги прекршиле дисциплинските мерки во последните 12 месеци.
Нема да се однесува на оние кои се во затвор за тероризам, организиран криминал, силување, шверц на мигранти и киднапирање, додаде министерството.
Според базата на податоци „World Prison Brief“, Италија има еден од најпренатрупаните затворски системи во Европа, со стапка на зафатеност од 122 проценти.
Во Европа, само Кипар, Франција и Турција се повисоки, според таа база на податоци.
Тешката состојба на затворениците во Италија го привлече вниманието на јавноста по зголемувањето на бројот на самоубиства и поплаките за високите летни температури во притворските установи без климатизација.
И покрај ова, предвременото ослободување на затворениците е политички чувствителен потег, па затоа министерството нагласува дека тоа нема да се случи преку ноќ.
Институцијата соопшти дека формирала работна група за соработка со затворите и судиите за условна слобода за да се олесни донесувањето одлуки за поединечни случаи.
Тоа тело ќе се состанува еднаш неделно и ќе поднесува извештај за својата работа до септември.