Апликацијата ТикТок беше официјално забранета во Пакистан, откако Високиот суд на таа земја донесе ваква одлука.
Пресудата вели дека ТикТок „ја промовира вулгарноста во општеството“ и ќе остане забранет сè додека не започнат соработка со пакистанските власти за отстранување на содржини што ги сметаат за „непожелни и непристојни“.
„ТикТок“ и претходно имаше проблеми со лидерите на оваа азиска земја, а Пакистан дури воведе закон со кој може да се цензурира содржината на социјалните мрежи.
Благодарение на неодамна донесениот закон, „сите компании мораат да отстранат содржина што го загрозува интегритетот и безбедноста на Пакистан“.
Во некои претходни „конфликти“, пакистанските власти тврдеа дека неморална содржина се споделува на „ТикТок“.
Дури и тогаш, апликацијата беше забранета, но само за кратко време, бидејќи тие ветија дека ќе ја отстранат целата содржина што се смета за непристојна.
Се чини дека тие не го одржаа ветувањето, па оттука и новата забрана.
Според податоците од февруари, ТикТок го користат околу 33 милиони луѓе во Пакистан.