По бурните реакции на јавноста откако вчера излезе програмата со поддржани проекти од Министерсвото за култура за 2019 година, премиерот Заев најави нејзино поништување и постапките повторно ќе се отворат.
Поддршка не доби меѓународниот фестивал „Денови на комедија“, ниту пак „Тамбурашки фестивал“, но кои се институциите, поединците и организациите од Куманово кои со првичниот план добија средства за свои проекти?
Уметникот Страхил Петровски за проектот „Урбани еха“ ќе добие 50.000 денари, од побараните 251.000 денари во категоријата визуелни уметности, архитектура и дизајн.
Музичарот Филип Стевановски ќе добие поддршка за снимање и издавање на албум на Филип Стевановски бенд „Let s GO“. Стевановски претходно побарал 185.000 денари, но од министерството оцениле дека ќе издвојат 80.000 денари.
Маргица Антевска од побараните 430.000 денари ќе добие 100.000 денари за одржување солистички концерт по повод 50 години кариера.
НУ Музеј Куманово за 26 проекти ќе добие вкупна сума од 1,6 милиони денари. Најмногу средства кумановскиот музеј ќе добие за Ликовна колонија „Куманово 2019“ вкупно 150.000 денари. Исто толку пари установата ќе добие и за обновување на постојаната музејска поставка во Спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош како и за осовременување и реконципирање на постојаната музејска поставка, како и за археолошки ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане.
Вкупно 3,7 милиони денари ќе доби НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово. Најмногу средства се издвоени за претставите кои ќе ги подготвува кумановскиот театар и тоа вкупно 3,5 милиони денари за три претстави на македонски и две на албански јазик. За одржување на Детски фестивал биле побарани 400.000 денари, но Министерството за култура по некои свои критериуми проценило дека тоа може да се организира и со 60.000. Фестивалот „Денови на комедија“ за прв пат по 22 години не се најде во програмата.
Детско младинскиот ансамбл „Срма“ побарал 160.000 денари поддршка за едногодишната работа, но Комисијата при министерството проценила дека се доволни 60.000 денари.
Во однос на фестивалите, пари нема за „Тамбурашкиот фестивал“. Здужението „Рушит Шакир“ ќе добие 200.000 денари за одржување на „Рома труба фест“, иако побарале 300.000 денари. Здружението Институт за наука, уметност, култура и спорт Куманово побарале 870.000 денари за одржување на „Џез фестивал“ но ќе добијат многу помалку, само 200.000 денари.
Министерството проценило дека со 200.000 денари може да се организира Џез фестивалот, но исто толку пари додели на Клуб на писателите „Јехона е карадакут“ – Куманово за „Карадачки поетски средби“. Оваа здружение добило 72.000 денари за издавање на „Филозовски раскази“ од Сунај Раими, 126.000 денари за два броја од списанието „Дорунтина“, додека за проектот „Траги од наследството-Албански народни поговорки од Куманово – Прешево“од Мумин Зеќири издвоени биле 70.000 денари. Со 100.000 денари Министерството за култура ќе го поддржи и проектот „Моето перо – 2019“ – „Pena ime – 2019″ – „My pen – 2019″. Вкупната сума која оваа здружение е предвидена да ја добие за своите проекти изнесува 568.000 денари.
Фото клуб Куманово за одржување на традиционалниот „Малински фото фестивал“ од побараните 260.900 денари ќе добие само 50.000 денари.
Во областа на драмската дејност по 100.000 денари ќе добијат Симона Димковска за претстава „Океанот“ и Владанка Димковска за претставата „Страв или 1001 лице“.
Министерот за култура Асаф Адеми тврди дека не вршел притисок за програмата, иако со неа Тетово станува центарот на културата во Македонија, бидејќи тамошни организации и институции добија најмногу пари.
Одлуката сепак ќе се поништи и ќе биде објавена нова, освен за Националните институции.

