Ова се проектите од Куманово кои добија пари од Министерството за култура

Сподели со своите пријатели

Околу девет милиони денари Министерството за култура одобри за околу осумдесетина настани во Општина Куманово кои ќе се реализираат оваа година, а во рамките на поддршката која ја дава за проекти од национален интерес.

Од областа на издавачката дејност НУ Музеј Куманово ќе добие 83.839 денари за изработка на списанието „Музејски водич за деца“. Установата за овој проект побарала 142.100 денари.

Вкупно 180.000 денари ќе добие Културно – едукативното здружение „Антитеза“ од Куманово. По 90.000 денари ќе добие за проектите „The Contrastive Analysis of the English-ING clause as Subject and its Albanian Correspondents“ од Африм Алити и „The Use of Learner`s Native Language in Teaching English Language“ од Нагри Реџепи. Освен во издавачката дејност оваа здружение средства доби и во областа на музичката дејност. Таму за проектот Дувачки камерен оркестар – Корона ќедобие 80.000 денари.

Клубот на писателите „Јехона е Карадукт“ од Куманово ќе добие вкупно 498.000 денари за реализација на неколку различни проекти.

Сума од 72.000 денари е одобрена за издавање на книгата „Филозовски раскази“ од Сунај Раими. Вкупно 126.000 денари е одобрена на оваа здржение за издавање на списанието „Дорутина“ кое треба да излезе во два броја, додека пак високи 200.000 денари „Јехона е Карадукт“ ќе добие за организирање на „Карадачки поетски средби“.

Освен во издавачка дејност, оваа здружение ќе добие и 100.000 денари во областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн, поточно за издавање на втората едиција од проектот „МОЕТО ПЕРО- 2019“ – ‘PENA IME- 2019″ – “MY PEN – 2019”.

Мумин Зеќири за издавање на неговата книга „Траги од наследството – Албански народни поговорки од Куманово – Прешево“ ќе добие 72.000 денари.

Од областа на музичката дејност од побараните 185.000 денари, Филип Стевановски од Куманово ќе добие 80.000 денари за Снимање и издавање на албум на Филип Стевановски бенд „Let’s GO“.

Здружение за наука, уметност, култура и спорт Институт за наука, уметност,култура и спорт каде како основачи се јавуваат Филио Стевановски и неговиот татко, ќе добие 400.000 денари за организирање на Џез фестивалот. Сумата е двојно повисока од првичните објавени резултати.

Здружение на уметници музичари „Ха&ЕМ“ од Куманово ќе добие 150.000 денари за организирање на Детски Фестивал „Флутурат“ (Пеперутки).

Пет проекти од областа на музичката дејност ќе добие НУ Центар за култура Трајко Прокопиев со вредност од 163.000 денари, односно за „Детски фестивал Куманово“, „Концертно предавање и концертот на Антонио пијано дует“,Концерт на Славица Петровска Галиќ и Дарко Тодоровски, Концерт на Пијано трио (обоа, фагот и пијано) и „Со љубов за љубов концерт перформанс“.

Во областа на драмската дејност по 100.000 денари ќе добијат две кумановки. Симона Димковска за pретставаta „Океанот“, а Владанка Димковска за претставата „Страв или 1001 лице“.

НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ќе добие најмногу средства и тоа за пет театарски претстави и фестивалот „Денови на комедија“. Но, албанските претстави очигледно повеќе вредат за Министерството за култура, па така за три претстави на македонски јазик одобрени се 1,7 милиони денари, а за две на албански јазик 1,8 милиони денари.

Од побараните два милиони денари за фестивалот „Денови на комедија“ одобрени се 600.000 денари, што е значителна измена со оглед дека претходно не беше предвиден ниту денар. Но, сега го нема Детскиот фестивал, за кој претходно беа одобрени 60.000 денари.

Со 30.000 денари од областа на меѓународната дејност, кумановскиот музеј во Солун ќе треба да го реализира проектот „Влијанието на средновековниот Солун  во ширењето на културата во регионот на Куманово“.

Во рамките на фолклорната уметност Фондација за култура и спорт при Општина Куманово, од побараните 10.000 евра ќе добие само 2.000 евра и со тие пари ќе треба да го организира Меѓународниот тамбурашки фестивал. Во првичните резултати овој фестивал не доби финансиска поддршка од министерството.

Ансамблот „Рушит Шакир“ ќе добие 200.000 денари за организирање на „14-от Фестивал на дувачки оркестри Рома Труба Фест“.

Со 100.000 денари е поддржано Културно-уметничкото друштво „Српски вез“ за организирање на “6ти Меѓународен фолклорен фестивал на народни песни и игри од Македонија и Србија”, а иста сума е предвидена и за КУД „Панче Пешев“ за организирање на „Прв меѓународен фолклорен фестивал“. За едногодишна работа на детско-младинскиот ансамбл „Срна” предвидени се 60.000 денари.

Вкупно 100.000 денари Маргица Антевска ќе добие за концерт по повод 50-години музичка кариера, иако претходно побарала 430.000 денари.

Во областа на музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство, повторно поскапи се настаните за албанската заедница, па така 150.000 денари се доделени за прослава на Денот на албанската азбука на здружението „Недела на Албанската култура“, додека ансамблот „Рушит Шакир“ за „8-ми Април“ Денот на ромите ќе добие 80.000 денари.

За 18 проекти НУ Музеј Куманово ќе добие 1,1 милиони денари. Со 230.000 денари ќе се истражува локалитеот Црквиште во селото Клечовце, односно претпоставениот антички град Визианус. По 150.000 денари се предвидени за Осовременување и реконципирање на постојаната музејска поставка, за обновување на постојаната музејска поставка Куќа-музеј на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош, како и за ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане.

Од областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн, Фото кино клуб „Козјак“ ќе добие 40.000 денари за Клубска изложба на уметничка фотографија „Мајски салон 2019“, а 35.000 денари за „13-ти Интернационален фото салон Куманово 2019“.

Фото клуб Куманово ќе добие 30.000 денари за проектот „Фотоприказна“, а 25.000 денари за проектот „Игра“. За организирање на „Малински фото фестивал“ ќе добие 50.000 денари од побараните 260.900.

Од уметниците, Страхил Петровски од побараните 251.000, ќе добие само 50.000 денари со кои ќе треба да го реализира својот проект „URBAN ECHOES /УРБАНИ ЕХА“. Гоце Божурски за самостојната изложба „ШкрабАрт“ од побараните 146.000, ќе 60.000 денари.

Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и во оваа ставка ќе добие 24 проекти вредни 741.000 денари.

Leave a Reply