Во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вчеравечер беше отворена изложбата на младата авторка Мартина Спасовска, со наслов „Гласна тишина“.
Мартина се заблагодари на публиката и истакна дека е навистина почестена што може да ги изложи своите дела и во својот роден гард Куманово.
Мартина Спасовска е млада визуелна уметница. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – насока сликарство (2023).
Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет.
Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ.
Има изложувано во Македонија, Англија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и во Турција. Оваа поставка беше презентирана претходно во МКЦ-Скопје
– Мартина Спасовска во своите дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација што битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет – вели Горанчо Ѓорѓиевски, историчар на уметност.
Изложбата ќе биде поставена до 10 мај.