Во предградијата на Гвадалахара, во мексиканската држава Халиско, пронајдена е масовна гробница со делови од човечки тела завиткани во вреќи, пренесува „CBS News“.
Локалните власти велат дека тоа е едно од најстрашните откритија во последниве години во регионот кој долго време ги трпи последиците од конфликтите на нарко-картелите.
Според државното обвинителство на Халиско, телата биле откриени пред околу еден месец при претрес на празен терен во градот Запопан, во непосредна близина на Гвадалахара.
Истрагата е во тек, а надлежните посочуваат дека засега е невозможно да се утврди точниот број на жртви додека не заврши процесот на идентификација.
Заменик-државниот обвинител за исчезнати лица Бланка Трухиљо рече дека „форензичките тимови ќе треба да продолжат со темелно испитување на секој пронајден дел од телото за да се дојде до сигурни резултати“.
Таа нагласи дека се очекува долг процес на идентификација со оглед на состојбата во која се пронајдени посмртните останки.
Халиско, чиј главен град е Гвадалахара, е познат како упориште на еден од најмоќните и најбруталните нарко картели во Мексико – картелот „Нова генерација на Халиско“.
Во оваа земја илјадници луѓе се водат како исчезнати, а бројот на масовни гробници кои се откриени во последните години постојано се зголемува.
Сличен случај беше забележан и во август, кога во напуштена куќа во државата Гуанахуато беа пронајдени останките на 32 лица, од кои многумина беа распарчени.
Деловите од телото биле завиткани во пластични кеси, а врз основа на ДНК анализа се идентификувани 15 лица.
Ваквите сцени, за жал, станаа честа појава во Мексико, каде борбата меѓу ривалските картели продолжува да одзема илјадници животи годишно, додека бројот на исчезнати надминува 100.000, според официјалните податоци на федералната влада.

