Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија е откажана откако земјите околу Србија рекоа дека ќе го затворат својот воздушен простор за неговиот авион, соопштија руските власти.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека соседните земји на Србија го затвориле воздушниот простор за летот на авионот на министерот за надворешни работи на Русија, пренесува РИА Новости.
„Токму денес [недела] пред еден час земјите околу Србија го затворија каналот за комуникација, не дозволувајќи прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвуваше за Србија“, изјави Захарова за италијанската ТВ Ла7, пренесува Танјуг.
Русија нема да постави „железна завеса“
„Земјите-членки на Европската унија и НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден канал за комуникација“, ја цитира РИА изјавата на Захарова.
Таа додаде дека Русија, за разлика од ЕУ, нема да постави „железна завеса“.
Вашите грешки се во тоа што сте премногу себични, мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас нема други нации“, изјави Захарова за ТВ Ла7.
Висок претставник на руското Министерство за надворешни работи претходно во неделата изјави за Интерфакс дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот со Лавров за Белград во понеделникот, објави Ројтерс.
„Нашата дипломатија се уште не ја совладала телепортацијата“, рекол изворот.
Брнабиќ: Посетата е исклучително комплицирана
Радио телевизија на Србија (РТС) во неделата вечерта објави дека посетата на шефот на руската дипломатија на Белград е неизвесна.
Српската премиерка Ана Брнабиќ претходно во неделата за белградските медиуми изјави дека ситуацијата во врска со посетата на Лавров е „исклучително комплицирана“.
Минатата недела Кремљ ја најави посетата на Лавров на Белград на 6 и 7 јуни, а портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захаров на брифинг со новинарите изјави дека шефот на руската дипломатија ќе се сретне со српскиот претседател, министерот за надворешни работи, претседателот на парламентот и српскиот православен патријарх.