Осомничениот убиец ја следел и вознемирувал Марија, тврди нејзиниот татко

Сподели со своите пријатели

Потенцијалниот сериски убиец ја следел и вознемирувал 33-годишната Марија, чие тело беше ексхумирано под сомневање дека е негова жртва.

Младата Марија била погребана во јануари, откако надлежните констатирале дека починала од природна смрт.

Но, откако 25-годишниот Т.Б. беше приведен, се отвориле сомнежи дека нејзината смрт не била природна. Нејзиното тело беше ексхумирано, а неофицијално резултатите покажале дека починала од насилна смрт.

Денес, нејзиниот татко Зоран Маринковски вели дека се знаела со осомничениот, во минатото работела кај неговото семејство, помагала во чување добиток.

Претходно ја следел и вознемирувал, па таа пријавила и во полиција.

– Имаше проблеми, ја следел, ја вознемируваше, и таа се жалеше на нас и ние рековме да пријави во полиција. Пријави, доаѓаше полицијата, таа им кажа дека ја вознемирувал, тие биле кај него тогаш и тој избегал го немало и не преземаа мерки тогаш, вели нејзиниот татко.

Марија живеле во селото Старо Нагоричане, во месноста Беле Грамаде со нејзин роднина, кој кобната ноќ не бил со неа. Нејзиното семејство живеело во Куманово.

Вечерта околу 23 часот се јавила на својот брат и рекла дека некој тропа на врата и дека ќе се обиде да се сокрие.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  По 22 години за прв пат зголемени цените за градинка во Куманово

– На моето дете, машко, се јавила последен пат, ноќе, пред 11 часот и рекла дека некој тропа на врата. За 15 минути пред полноќ рекла дека се сокрила да не ја види некој, дека некој тропа на врата. Се слушавме често, таа ни кажуваше дека ја следи каде оди и дење и ноќе, вели Маринковски.

Утрината по убиството не успеале да ја добијат на телефон, по што се јавиле кај сосетките кои ја пронашле и повикале полиција.

Нејзиниот татко вели дека била покриена со јамболија, а била пронајдена во полугола состојба.

– Ние бевме дома, не ни се јавуваше, чекавме да не се успала, ја баравме околу 7-8 наутро, но не се јавуваше. Рековме на тие сосетките околу неа да одат да проверат да не заспала, да не отишла на работа. Сосетките отишле да видат, вратата не била заклучена, викале по неа, но никој не одговарал. Ја нашле под јаболија покриена, раскажува нејзиниот татко.

Надлежните мислеле дека починала од труење со алкохол, иако според кажување на соселаните вечерта била во продавница и не била под дејство на алкохол.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Советот на Општина Куманово со препораки до УЈП за проблемот со двојно оданочување

Откако бил приведен осомничениот за убиство на 78-годишната М.С. кај полицијата се отвориле сомнежи дека е сторител на уште убиства, меѓу нив и онаа на Марија.

Јавен обвинител побарал ексхумација на нејзиното тело за да се утврдат сите детали.

Извештајот од Судска медицина „патува“ кон кумановското обвинителство, а во меѓувреме директорот на Судска медицина за Сител потврди дека нејзината смрт била насилна.

– Сега засега можам да ви кажам дека смртта била насилна. Обвинителството за брзо време ќе ги добие сите информации во пишана форма и од ДНК анализите и од обдукцијата и понатаму случајот ќе продолжи да го работи Обвинителството, вели Александар Станков, директор на Судската медицина.

Осомничениот Т.Б. се наоѓа во кумановскиот затвор и ќе биде извршена негова присхијатриска анализа.

– Лицето Т.Б. се наоѓа во КПУ Затвор Куманово, на издржување мерка притвор од 30 дена, определена од судија на претходна постапка. По приемот му е извршен лекарски преглед од страна на медицинско лице и е во добра здравствена состојба, велат од Затворот во К’шање.

Обвинителството бара трпение од јавноста, бидејќи велат се работи за обемен случај, во кој се прибираат голем број докази.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  28 хаварисани возила отстрани полицијата во Куманово

– Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали, стои во соопштението оттаму.

Од Секторот за внатрешни работи пак велат дека засега против осомниченото лице се поднесени кривични пријави само за кражби, но се водат активни истраги поради кои не можат да споделуваат дополнителни информации.

– СВР Куманово поднесе кривична пријава против Т.Б. (25) од Општина Старо Нагоричане поради постоење основано сомнение дека е извршител на две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило, велат од полицијата.

Т.Б. по потекло бил од селото Малотино. Живеел во селото Драгоманце, во многудетно семејство со неговата мајка и очув. Помагал во чување добиток на неговиот очув, а со својот велосипед често минувал и низ другите села во општината Старо Нагоричане.

Според неофицијални информации, тој се сомничи како извршител на најмалку пет убиства, но истрагата допрва треба да ги утврди сите детали.

Никола Ивановски