Осма недела од карантинот во Сиднеј, ограничувања ќе се засилат!

Сподели со своите пријатели

Ограничувањата ќе бидат засилени во Сиднеј, најголемиот австралиски град и главен град на сојузната држава Нов Јужен Велс, кој влегува во осмата недела на локдаунот, објавија денеска властите, проценувајќи дека ова е „најзагрижувачкиот ден“ од почетокот на пандемијата.

Австралија, која долго време беше поштедена од пандемијата, беше погодена од скок на инфекција, со ширење на многу повеќе заразната делта варијанта на вирусот што се заканува на стратегијата „нула ковид“.

Повеќе од 10 милиони жители на земјата се под клуч, особено во двата најголеми града, Сиднеј и Мелбурн, како и во главниот град Канбера.

Од понеделник, луѓето што не се придржуваат до драконските ограничувања ќе мора да платат строги казни, бидејќи досега преземените мерки не успеаја да го спречат ширењето на епидемијата.

Мерките за заклучување се проширени на целата држава Нов Јужен Велс, за прв пат оваа година. Тие стапија на сила денеска и се воведуваат најмалку седум дена.

Полициските патроли, како и контролните пунктови ќе бидат засилени, а стотици војници ќе имаат задача да го надгледуваат строгото придржување кон локдаунот.

Рекорден број на новозаразени со коронавирусот се регистрирани денеска во државата Нов Јужен Велс, најнаселената држава во земјата, 466.

„Денес го имавме најзагрижувачкиот ден од почетокот на пандемијата“, рече премиерот на таа австралиска држава, Гладис Береџиклијан, на прес -конференцијата.

Таа ги нарече напорите за запирање на епидемијата „војна“ против „ѓаволскиот“ делта вирус и оцени дека Австралија се соочува со сериозна закана.

„За кратко време мислевме дека Австралија е различна од другите региони во светот, но тоа не беше така“, рече таа.

Повеќе од пет милиони жители на Сиднеј можат да го напуштат домот само за да спортуваат, да одат на работа, доколку нивната работа се смета за неопходна и да купат основни работи.

Полицијата ќе ги удвои напорите за да обезбеди почитување на ограничувањата.

Регулативите за напуштање на Сиднеј исто така се заострени за да се спречи ширењето на епидемијата во други региони.

Повеќе од 7.300 случаи на инфекција и 43 смртни случаи се пријавени во сојузната држава Нов Јужен Велс кон средината на јуни, од почетокот на овој нов скок на инфекцијата предизвикан од делта сојот.

Сѐ повеќе луѓе во земјата ја осудуваат бавноста на програмата за вакцинација. Само една четвртина од возрасните Австралијци се целосно вакцинирани.