Пријава против непознат сторител ќе поднесе Општина Куманово до полицијата за оштетувањето на клупите во градскиот парк Соколана.
Апел до надлежните органи да се пронајдат сторителите и да бидат казнети денеска упати градоначалникот Максим Димитриевски, кој додаде дека оштетувањето ќе биде поправено со дополнителни средства.
– Доколку на некој му е потребна таква опрема нека дојде и нека се обрати во општината ќе најдеме начин да му обезбедиме, но на овој начин се создава дополнителна штета и на општината и на самите граѓани кои ете една поставена клупа или поголем број клупи во моментов не можат да ги користат. Ние секако ќе обезбедиме дополнителни средства и ќе набавиме дополнителна опрема и исто така ќе ги промениме овие клупи, т.е. ќе ги поправиме, но пак ја користам оваа прилика да апелирам до совесните граѓани, кога ќе видат вакви случаи да ги пријавуваат пред налдежните државни органи, да се јават на 192 и да ги пријават ваквите случаи, не мора да оставаат податоци можат да останат анонимни бидејќи сите ние заедно мораме организирано да се бориме против ваквите појави, изјави Димитриевски.
Општина Куманово има ангажирано и чуварски служби на Градскиот кеј и Спомен Костурница, но како што вели градоначалникот Димитриевски, невозможно е да се контролира големата територија во целиот град.
– Пред 15 дена беа скршени сите канти во централното градско подрачје, претходно во новиот парк на пријателство кој го нарековме, се случи кршење на урбана опрема и целиот беше исчкртан со графити, оав е трета појава и апелирам да го сочуваме заедничкото добро сите заедно, додаде Димитриевски.
Дрвените подлоги од клупите се прецизно извади преку ноќ, при што на најголем дел од нив моментално стои само металната конструкција.