Оштетени руски оптички кабли во Балтичкото Море

Сподели со своите пријатели

Руските оптички кабли во Балтичкото Море биле оштетени минатиот месец на локација на само 28 километри од местото каде што беше оштетен гасоводот што ги поврзува Финска и Естонија, соопшти денеска руската државна компанија Ростелеком.

Loading...

Во соопштението на Ростелеком се наведува дека станува збор за „несреќа“, но не се прецизира која е вистинската причина за оваа несреќа, пренесува Ројтерс.

Руската компанија објави дека нејзиниот кабел со оптички влакна е оштетен на 7 октомври во 23:30 часот по московско време.

„Местото на оштетување на кабелот се наоѓа на 28 километри од локацијата каде е оштетен дел од гасоводот Baltic Connector 8“, се вели во соопштението на Ростелеком.

Два други телекомуникациски кабли со оптички влакна, кои ги поврзуваат Естонија со Финска и Шведска, се вели дека исто така биле оштетени на 7 и 8 октомври по локално време.

На позадината на војната во Украина, безбедноста на подморските кабли и цевководи во Балтичкото Море стана главна загриженост, особено откако минатата година беше извршена саботажа на рускиот гасовод Северни Ток, што се уште се истражува од надлежните служби за да се утврди кој е одговорен.

Податоците од разузнавачката компанија за поморски транспорт MarinTraffic покажуваат дека на 7 октомври сидрото на кинескиот контејнерски брод New Polar Bear во 15 часот и 13 минути поминало преку шведско-естонскиот телекомски кабел, а потоа, во 20:20 часот, над рускиот оптички кабел.

Финската полиција која ја истражува саботажата на гасоводот „Северен тек“ соопшти дека брод под знамето на Хонг Конг е главниот осомничен за оштетување на оптичките кабли во Балтичкото Море.

Loading...

Во близина на отсечените оптички кабли е пронајдено големо сидро, а истражителите веруваат дека каблите со оптички влакна биле отсечени додека бродот го влечел сидрото по морското дно.

Ростелеком и руското Министерство за комуникации не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за тврдењата и дали официјална Москва ја истражува штетата на нејзиниот кабел и дали кинескиот брод може да биде одговорен.

Рускиот претседател Владимир Путин уште на 13 октомври изјави дека тврдењата дека Русија е виновна за оштетувањето на оптичките кабли се „тотално ѓубре“, велејќи дека има индиции дека штетата е предизвикана од сидро на брод.