Унгарија ќе ја забрза својата програма за развој на одбраната, изјави денеска премиерот Виктор Орбан.
„Мораме радикално да ги зголемиме нашите одбранбени способности“, изјави Орбан за државното радио, пренесува Ројтерс.
Тој повтори дека во интерес на Унгарија е што поскоро да стави крај на војната во соседна Украина.
Говорејќи по самитот на НАТО, на кој беше договорено Финска и Шведска да се приклучат на алијансата, Орбан рече дека „воената реалност“ полека се манифестира во Украина, бидејќи земјата секојдневно губи многу војници.
Тој изјави дека иако сѐ уште се чини дека фронтот сѐ уште е далеку од Унгарија, таа ситуација може да се промени и дека неговата земја како сојузник во НАТО мора да остане надвор од војната.
„Треба да ги запалиме моторите и да ја забрзаме нашата програма за развој на одбраната“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека неговата влада не е подготвена да преговара за какво било потенцијално ембарго на ЕУ или ограничувања на увозот на руски гас бидејќи тоа би ја поткопало економијата на земјата.
„Не се потребни санкции, туку итен прекин на огнот и мировни преговори“, рече Орбан, истакнувајќи дека е потребен и мир за да се спречи, како што рече, „воената инфлација“.
Унгарската инфлација е двоцифрена и покрај ограничувањата на цените на горивата, струјата и основната храна, што ја поттикна Националната банка на Унгарија да ја зголеми референтната каматна стапка за 185 базични поени на 7,75 отсто во вторникот, објави Ројтерс.