Највисоките државни функционери на Унгарија, во пресрет на почетокот на претседавањето на земјата со Европската унија (ЕУ), кое започнува на 1 јули, не ја пропуштаат можноста да кажат дека еден од приоритетите на Будимпешта во наредниот шестмесечен период ќе биде проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан.
Ова го истакна и унгарскиот премиер Виктор Орбан по разговорот со неговата италијанска колешка Џорџа Мелони во Рим.
Срамно и неприфатливо е 15 години земјите од Западен Балкан да чекаат на проширување на ЕУ, рече Орбан и на заедничката прес-конференција рече дека „не смее да се прави на овој начин, туку треба јасно да се каже да или не“.
Според него, Унгарија го поддржува предлогот на Италија во однос на сеопфатна европска стратегија за развој на Африка со цел да се намалат миграциските притисоци.
Се очекува населението на Африка да порасне за 750 милиони луѓе во следните 20 години, потсети тој.
„Европа или ќе мора да смисли план за развој на Африка за да ги задржи Африканците дома или ќе се соочи со бранови на масовна миграција од кои е лошо подготвена да се брани“, додаде Орбан.
Зборувајќи за функционирањето на ЕУ, унгарскиот премиер рече дека шефовите на институциите во Брисел не треба да се избираат на партиско-политичка основа и дека нема да поддржи „партиски договор“ за ова.
Како премиер со најдолг мандат во ЕУ, рече дека коренот на европските проблеми го гледа во одлуката на претседателот на Европската комисија од 2014 година „политичкото тело да го претвори во политички играч“. Тој процес трае оттогаш, изјави тој.
Орбан посочува дека во моментов трите партии ги имаат поделено најважните функции меѓу себе, ставајќи ги институциите на ЕУ на партиско-политичка основа.
Според него, тоа резултирало со „власта и опозицијата“, што е „спротивна на инклузивноста што беше во коренот на европскиот идеал“.
Сите треба да бидат вклучени и ниту една земја не треба да чувствува дека е во малцинство или во опозиција, рече Орбан.
Тој рече дека неговата партија Фидес во Европскиот парламент нема да биде во иста група со „антиунгарската романска партија“.
„Нема што да се преговара, нема да седиме во таква група“, рече тој и додаде дека се согласува со соговорникот дека и двајцата останале посветени на соработката на десничарските партии, дури и да не седнат во иста пратеничка група.
Џорџа Мелони рече дека Италија ја поддржува програмата на унгарското претседавање со ЕУ, фокусирајќи се на предизвиците што ги носи демографскиот пад, како и на подобрувањето на конкурентноста и европските одбранбени способности.
Таа посочи дека новиот европски пристап кон прашања како што се заштитата на границите на ЕУ, ставот против илегалната миграција и соработката со африканските земји, „мора да се зајакне“.
Таа рече дека цени дека унгарското претседателство ќе се фокусира на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, осврнувајќи се на одлуката на Европската унија да ги пренасочи приходите од замрзнатите руски средства за купување оружје за Украина, притоа заобиколувајќи го мислењето на Унгарија, рече дека овој чин претставува „бесрамно преминување на црвените линии и прекршување на правилата на ЕУ“.
Според него, провоените влади „масовно потфрлија“ на изборите, но оттогаш се зголеми „воената хистерија“ и „ја игнорираа волјата на народот“.
За време на паузата на Советот за надворешни работи на ЕУ, тој на прес-конференцијата рече дека е јасно оти многу земји членки на ЕУ се подготвуваат за долга војна, што, според него, потврдува и тоа што уште 1,4 милијарди евра од Европскиот фонд за мир ќе се користи за финансирање оружје за Украина, иако Унгарија не се согласува со тоа.