Предложениот нов буџет на Европската комисија (ЕК) нема јасни стратешки основи и таков буџет би ја уништил Европската Унија, изјави денес унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан, во изјава за унгарското државно радио, рече дека верува оти ЕК или ќе мора да го повлече предлогот за нов почеток или, како што изјави, ЕК ќе мора да се повлече чекор по чекор.
Унгарскиот премиер ги критикуваше плановите за доделување пари за Украина и планираните измени во субвенциите за земјоделството, објави Ројтерс.
Во среда, Европската комисија го претстави буџетскиот план на Европската Унија, кој изнесува два трилиони евра за следните седум години, како што изјави комесарот за буџет на ЕУ, Пјотр Серафин.
Буџетот го опфаќа периодот од 2028 до 2034 година, а нацртот треба да биде одобрен од сите 27 земји-членки, како и од Европскиот парламент за да биде усвоен.
„Ова е буџет за денешната реалност, како и за утрешните предизвици. Продолжуваме да работиме со Европскиот парламент, земјите-членки и претприемачите“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција.
Нацрт-буџетот превидува пет пати повеќе средства за одбрана, што фон дер Лајен го гледа како одраз на тоа колку ЕУ е загрижена за безбедноста и сигурноста на своите граѓани и влади.
Дополнително, нацрт-буџетот предвидува средства од околу 400 милијарди евра за механизми во случај на криза.
Таа истакна дека буџетот за миграција и управување со границите е тројно зголемен.
„Нацрт-буџетот за прв пат им дава можност на земјите-членки да инвестираат во рамките на ЕУ до вкупна инвестициска вредност до 150 милијарди евра“, рече фон дер Лајен.
Според нацрт-буџетот, 35 проценти од буџетот се наменети за климата и биодиверзитетот, а околу 100 милијарди евра ќе бидат наменети за помош на Украина.
Таа изјави дека финансирањето на планираниот буџет ќе дојде преку користење на нови приходи, но и дека средствата од земјите-членки на блокот ќе останат „стабилни“.
Претседателот на ЕК подвлече дека сите средства од ЕУ го почитуваат владеењето на правото.