Прашањата поврзани со миграцијата ќе бидат во фокусот на следните избори во Унгарија закажани за април 2026 година, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во разговор со новинарите за време на враќањето од Истанбул.
„Дали ќе се спротивставиме и ќе се побуниме против одлуката на Брисел, или унгарските политички партии ќе попуштат под притисокот на ЕУ, ќе ја прифатат нивната одлука и ќе им дозволат на мигрантите да влезат во Унгарија од запад“, праша Орбан, според новинската агенција МТИ.
Неколку часа претходно, Орбан објави на Фејсбук дека Унгарија нема да го спроведе договорот за миграција на ЕУ.
На прашањето што мислел кога објавил „нека започне бунтот“, унгарскиот премиер рече дека се појавила сосема нова ситуација кога станува збор за миграцијата.
„Во еден момент, мигрантите се обидоа да влезат во Унгарија и ние поставивме ограда за да ги држиме подалеку од нашата земја. Некои од нив успеаја да влезат, но ние ги протеравме. Веднаш потоа, Брисел нè казни со еден милион евра дневно затоа што не ги пуштавме“, рече Орбан, додавајќи дека во сите тие случаи, нелегалните мигранти доаѓале од југ.
Според него, она што се случува сега е сосема ново поглавје во историјата на миграцијата, пренесува Танјуг.
„Постојат некои земји западно од нас кои не можеа или не сакаа да се заштитат од мигрантите. Сега ЕУ одлучи дека треба да примаме мигранти од тие земји, од запад. Унгарија сега треба да се заштити не само од мигрантите од југ, туку и од оние што ни се наметнуваат од запад“, рече Орбан, оценувајќи дека ова ќе биде голема загриженост за следните генерации во Унгарија бидејќи мигрантите во одреден момент ќе се упатат кон Унгарија.
Тој рече дека западните граници на Унгарија мора да бидат заштитени.
„Нема да биде лесно и ќе биде голем предизвик за нашите деца“, предупреди Орбан.

