Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Украинците сакаат да ја продолжат војната и дека Европа ги поддржува во ова, како и дека мировните преговори можеа да започнат одамна ако европските земји не застанаа зад Украина.
Орбан рече дека најголемата пречка за мир е тоа што Украина сака да ја продолжи војната, објавува „Мајар немзет“.
„Сите знаеме дека постојат пречки за мир. Украинците сакаат да ја продолжат војната. Тие имаат право да го сторат тоа, иако ја загрозуваат цела Европа, но сепак тоа е нивна земја, нивна борба за слобода“, рече Орбан.
Тој оцени дека конфликтот сè уште трае затоа што европските земји ја поддржуваат Украина.
„Уште попроблематично е што Европејците ги поддржуваат во ова, бидејќи ако Европејците не застанаа зад Украинците, тие немаше да можат да ја продолжат војната. Преговорите ќе беа завршени одамна. И ќе имаше примирје и мир“, нагласи Орбан.
Тој заклучи дека Европа е таа што го одржува конфликтот жив и дека „доколку се освестат, ќе преовлада мирот“.

