Општината не смее сама да отстранува хаварисани возила

Сподели со своите пријатели

Општината има врзани раце во отстранувањето на хаварисаните возила од јавните прометни површини, доколку не се појави сопственикот на возилото, па затоа постапките одат многу споро, рече денеска градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на 16та седница на советот одговарајќи на прашање од советникот Зоран Петрушевски.

Петрушевски првин со фотографија реагираше дека улицата „Моша Пијаде“ има тротоари обраснати со трева, но и хаварисани возила, а за тоа како надлежна ја посочи локалната самоуправа.

– Законот за комунални дејности и локална самоуправа укажува дека општината е надлежна за отстранување на хаварисани возила, одржување на улиците и тротоаите. Пред мене имам слика од улицата „Моша Пијаде“ испод градинките каде имаме тротоар целосно обраснат во трева, асфалтот скоро и да не се гледа, но не само што е трева тука, имаме и хаварисани возила. Овдека предлагав да донесеме програма за оградување и чистење на тротоарите, тоа не се прифати, но го прашувам градоначалникот што превзема за одржување на веќе постоечките тротоари кога тоа веќе е обврска на општината, а општината има инспекциски органи, рече Петушевски.

 

 

Куманово има 27.000 возила, и покрај тоа што капацитот на улиците е за само за 7.000, вели Димитриевски, а покрај нив има и хаварисани чие отстранување оди многу тешко, поради законските процедури.

Димитриевски наведе пример со улицата „1ви мај“ каде имало четири возила кои по интервенција на надлежние инспекциски органи биле отстранети, но потенцираше дека тоа може да се стори само доколку се појави несовесниот сопственик на возилото.

– Самата постапка трае предолго и имам голем број барања од граѓани за дислокација на вакви возила, но за жал општината има врзани раце кога не се појавува сопственикот на возилото тоа е проблем. Се случува да дојдете своеволно да го тргнете од јавна прометна површина, за што нема овластување општината, туку единсвено овластување има Министерство за внатрешни работи, да го дислоцирате на одредено место и подоцна да се јави сопственикот и да поднесе тужба против општината и да добие за хаварисано возило кое не чини повеќе од 100 евра, после неколку години отштета од 10.000 евра. Еден врвен член на ВМРО-ДПМНЕ пред некаде 15 години, едно од нашите јавни претпријатија го отштети за околу 50.000 германски марки во тоа време, за слична работа. Секако дека нема да застанеме тука, рече Димитриевски.

 

 

Во однос на тротоарите обраснати со трева, градоначалникот истакна дека самите советници ја носат програмата на ЈП „Чистота и зеленило“, но и дека кога ќе се чистат приоди пред станбени објекти треба да учествуваат и граѓаните, затоа што и законска обврска на станбените домари е да водат сметка за површините пред зградите.

– Мисловна именка беше да биде исперена во минатото одредена улица, сега не е така. Работата на оваа ЈП е подобрена за неколку нивоа и му благодарам на директорот и новиот менаџерски тим за тоа. Кога ќе се носи следната програма излезете со предлогот, доколку финансиите ни држат, јас сум секогаш да имаме чист и уреден град, но не треба да заборавиме една работа, а тоа е граѓанското учество. Недозволиво е да правиме акции за чистење на локалитети и улици во градот, кај што чистиме пред одредени станбени згради и локали, а нема минимално учество на самите станари, а од друга страна станбените домари се директно согласно законот задолжени да ја задржуваат хигиената пред објекти за колективно домување, како што има и на улицата „Моша Пијаде“, додаде Димитриевски.

Повеќе на овој план, како што посочи Димитриевски ќе се направи следната година.

Leave a Reply